Државното средно училиште „Спортска академија“ е училиште кое е основано 2013-тата година (правно 2015-тата година) за подобар образовен и спортски развој на младите талентирани спортисти од нашата држава. Седиштето на училиштето се наоѓа во населба Центар во Скопје. Училиштето има дисперзирани паралелки и во 10 градови низ Македонија-Битола, Прилеп, Охрид, Велес, Штип, Струмица, Кавадарци, Куманово, Тетово, Гостивар. Во училиштето се развиваат на спортски и интелектуален и образуваат ученици талентирани во следниве спортски вештини: фудбал, кошарка, ракомет (машки и женски) и тенис. Наставната програма е гимназиско образование, при што сите ученици кои ќе завршат во ова училиште со полагање матура, се здобиваат со диплома за завршено средно-гимназиско образование со која можат да се запишат било каде. Учениците учат општо-образовни предмети и предмети од спортски аспект од кои дел се одвиваат на терен/спортска сала, дел се теоретски. Учениците секој ден половина од воспитно-образовниот процес го поминуваат во училишните клупи а половина на терен/спортска сала со практични предмети. Уписот на учениците, покрај основните критериуми согласно закон, се врши по определена селекција-тестирање на спортските вештини во спортот.

Директор на училиштето е добро познатиот и истакнат спортист-ракометар     Ванчо Димовски.

Контакти од училиштето:

Телефон: 02/3166-550; 077/861-661

web: sportskaakademija.edu.mk

e-mail: dsusportskaakademija@gmail.com

Училиштето нуди многу поволности и услови, при што секој талентиран спортист професионално се развива во спортот во кој е определен и тренира секојдневно со најдобрите тренири од Македонија. Влогот во спортскиот развој е голем, при што секој ученик кој ќе се запише во нашето училиште добива бесплатен превоз, бесплатно интернатско сместување, професионални тренинзи, бесплатна опрема, како и стипендија со просек 4.00. Учениците имаат услов секоја година да постигнуваат просек минимум 3.50 за да можат да го продолжат школувањето во нашето училиште. Останати привилегии се во насока на интелектуалниот развој на учениците, при што голем дел од воспитно-образовниот процес е посветен на работа на психолошки и ментален план. Во моментов функционираат 54 паралелки низ цела Македонија од кои 20 се во Скопје. Бројната состојба од година во година се зголемува, при што оваа година имаме околу 890 ученици.

Училиштето учествува и организира голем број на спортски настани, натпревари, при што досега има постигнато многу успеси на спортски план. Училиштеот е во постојана соработка со соодветните федерации по спортови и Агенцијата за млади и спорт во реализација на своите проекти и други спортски и образовни активности.