Мени
Вашата кошничка

Владимир Костов

Владимир Костов e современ раскажувач и драмски автор, еден од најплодните прозаисти, кој целиот свој опус го посвети на градот Битола. Роден е на 22 септември 1932 година во Битола. Основното образование и гимназијата ги заврши во родниот град. Во 1951 г. се запиша на Филозофски факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Дипломира во 1955 година на групата Југословенска книжевност. Првото негово вработување беше како артист во Радио-драмата на Радио Скопје. Од 1956 работеше како професор по македонски јазик во Ветеринарното училиште во Битола. Во 1964 година беше избран за професор на Педагошката академија во Битола, каде работеше сè до своето пензионирање. Се занимава со истражување и проучување од областа на јазикот и литературата и писателската дејност. Има објавено поголем број трудови од оваа област, меѓу кои се: „Отстапување на битолскиот говор и неговиот стил“, „Поетскиот јазик на К. Рацин“, „Зборникот на Миладиновци и Рациновите „Бели мугри“, „Личните заменки во битолскиот градски говор“ и др. Со литературно творештво почна да се занимава уште во гимназиските години. Прва објавена книга му е романот „Лица со маски“ (1967). Занимавајќи се со литературно творештво, претежно пишувајќи проза, има објавено 16 романи, 10 збирки новели и раскази и 8 книги за деца и млади. Објави и 2 драми. Пишува и проза за млади. Неговите дела амбиентално и тематски се поврзани со настани од историјата и современиот живот на Битола. Пишуваше и театарски критики, есеи и литературни осврти како и написи по разни поводи и искази во состав на бројни интервјуа. Беше и е застапен во програмата за македонски јазик во средните училишта. Со свои раскази застапен е во повеќе антологии кај нас и во странство. Со романот „Нов ум“ застапен е во антологијата на македонскиот роман, а со романот „Свадбата на Мара“ застапен е во едицијата „10 најчитани романи“. Со истиот роман застапен е и во едицијата „Бисери“. Претставен е и во „Избрани романи“ во 4 тома и во Избрани дела“ во 6 тома (2004). НУУБ „Св. Климент Охрид ски“ - Битола ја објави и неговата „Персонална библиографија“ (2004). Владимир Костов е еден од основачите на КУД „Илинден“ (1957) во Битола и негов долгогодишен уметнички раководител. Исто така е еден од основачите на литературното списание „Развиток“ (1963), каде беше и долгогодишен главен и одговорен уредник. Од 1977 година член е на Друштвото за наука и уметност во Битола. Во 1983 година стана член на Друштвото на писателите на Македонија, од 1988 г. член е и на Асоцијацијата на независните писатели на Македонија. Многу од неговите дела се драматизирани. Така, во 1977 година, во изведба на Народниот театар од Битола беше одиграна „Свадбата на Мара“, драматизација на неговиот истоимен роман. Истата претстава со успех е одиграна и во Сараево, Стерииното позорје во Нови Сад, на Дубровничките летни игри и на други сцени во Македонија и Југославија. Во 1986 г. и новелата „Грешниот Захарија“ е изведена во Народниот театар во Битола и на Фестивалот за мали и експериментални сцени во Сараево, во режија на Љубиша Георгиевски. Во 2001 година беше драматизирана и трета негова книга, романот „Црквичето „Четириесет маченици“ во Битола“ во изведба на Битолскиот театар. Автор е на книгите: „Лица со маски“ (роман, 1967), „Свадбата на Мара“ (роман, 1968), „Игра“ (кратки раскази, 1969), „Нов ум“ (роман, 1970), „Ах, бре“ (кратки раскази, 1970), „Учителот“ (роман, 1976), „Каде си тргнал сине“ (роман за млади, 1980), „Шумата ечеше“ (сказна, 1982), „Маски“ (1983), „Црквичето „Четириесет маченици“ во Битола“ (роман, 1984), „Вујко“ (роман, 1984), „Грешниот Захарија“ (новели, 1986), „Тестамент“ (кратки раскази за млади), „Чума“ (новели, 1989), „Клетва“ (роман, 1989), „Грешка“ (краток роман, 1991), „Последното целивание“ (роман, 1992), „Тој ми кажа“ (роман за млади, 1992), „Келешот“ (новели), „Битолски триод“ (роман, 1994), „Сениште во градот Битола“ (роман, 1994), „Маргарит“ (кратки раскази, 1996), „Солза за Мите“ (роман за млади, 1997), „Строгата школа на животот“ (кратки раскази за деца и младинци, 1998), „Битолска хроника - обителска трагедија“ (два кратки романи, 1998), „Тане“ (роман, 2000), „Хераклеј ски мозаик“ (збирка од 201 расказ, 2003), „Битолијада“ (2006), „Еврејчето Шами“ (проза за деца и младинци, 2007), „Скршена 45 чаша“ (раскази, 2007), „Воденичен камен“ (раскази, 2008). Носител е на повеќе награди и признанија, меѓу кои наградата на градот Битола „4 Ноември“ за животно дело. Во 1966 година е награден за драмата „Часовници“ на конкурсот распишан од Сојузот на социјалистичката младина на Македонија. За романот „Свадбата на Мара“ ја доби наградата „1 Мај“ од Сојузот на синдикатите на Македонија, додека во 1984 г. за романот „Црквичето „Четириесет маченици“ во Битола“ ја доби наградата „11 Октомври“. Во 1997 за неговиот роман за млади „Солза за Мите“ ја доби наградата од Друштвото на писателите на Македонија „Ванчо Николески“. Наградата „Рациново признание“ му беше врачена во 1999 година за романот „Битолска хроника - Обителска трагедија“.
Автор: Владимир Костов Model: EEJ2ZR
Владимир Костов роден е 1932 година во Битола каде завршил основно образование и гимназија. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје. Работел како професор на Педагошката академија при Универзитетот во Битола. Сега е во пензија. Автор е на повеќе романи, новели и збирки раскази, како и повеќе к..
160.00 ден.
Ex Tax:160.00 ден.
Прикажани 1 од 1 до 1 (1 Страни)
Cookies
Користиме колачиња и други идентификатори за да ви овозможиме најдобро искуство со нашата интернет страница. Може да прочитате повеќе за тоа како ги користиме колачињата и другите идентификатори, во нашата Политика за приватност. Со продолжувањето да ја користите оваа страница, прифаќате да користиме колачиња и други идентификатори.