Димитар Миладинов (Струга, 1810 - Цариград, денешен Истанбул, 1862) бил македонски народен преродбеник, поет, учител, публицист, собирач на народни умотворби, основач на македонската етнографија. Неговата поезија е со изразит лирски темперамент, а неговото творештво се состои од неколку лирски целини. Заедно со својот помлад брат Константин водел организирана борба против денационализаторството, пенхелизмот и политиката на грчката влада на македонските подрачја.Димитар Миладинов имал важна улога во борбата против грчката пропаганда во Македонија, иако самиот бил човек со висока грчка култура и образование. Во својата антихеленистичка пропаганда, Миладинов се служел со сите достапни средства, со образованието, воведувањето народни говори во наставната практика, со едукацијата на домашниот млад учителски кадар, со обемна кореспонденција во која настојувал да објасни и да извести важни луѓе на своето време за она што се случувало во моментот на македонски терен и што треба да се направи[1]. Димитар Миладинов добивал финансиска поддршка од монасите во светогорскиот манастир Зограф за неговата борба против хелинизмот. Познато е неговото пријателство со монасите Анатолиј и Партенија Зографски, кои исто така со лично залагање придонесувале во борбата против хеленизмот, како и игуменот Иларион, Натанаил Кучевишки и други угледни монаси.Роден е во семејството на грнчарот Ристе Миладинов и неговата сопруга Султана Миладинова. Основно училиште завршил во Струга, а подоцна и гимназија во Јанина, Грција (1833 - 1836).Во периодот помеѓу 1836 - 1839 година, работи како учител во Охрид, но поради грчкиот владика е принуден да го напушти училиштето. Потоа учителствува и во Струга (1839 - 1840), Кукуш (1840 - 1842) и повторно во Охрид (1842 - 1845) и Струга во 1846 година. Подоцна доаѓа и како учител во селото Магарево, Битолско (1849 - 1852) и во грчко училиште во Битола (1852 - 1854).Во училиштето во Охрид, Димитар Миладинов се сретнал со познатиот руски научник, славистот Виктор Иванович Григорович. Оваа средба била пресудна Миладиновци да почнат да се занимаваат и со собирачката дејност-собирање и запишување на македонски народни песни и други умотворби, кои подоцна ги отпечатиле во еден голем Зборник (наречен "„Бугарски народни песни“", затоа што имало песни и од Бугарија). Во таа дејност се вклучил и средниот брат Наум Миладинов. Тој ја завршил Духовната академија на патријаршискиот универзитет "Халки" во Цариград и дипломирал на отсекот музика и граматика. Во 1843 година напишал учебник по музика, прв од таков вид во Македонија, додека при собирањето на народните песни истите ги запишувал со нотни записи, ги мелографирал, па така тој е нашиот прв музичар и мелограф.Димитар Миладинов, кој бил целосно прословенски ориентиран, често доаѓал во судир со гркоманите во Битола, а по еден таков судир со битолскиот митрополит Венедикт, тој ја напуштил Битола и Македонија. Во Сремски Карловци и Нови Сад имал прилика да се запознае со животот на Србите под австроунгарска власт, каде уживале потполна културна автономија. Подоцна заминал во Белград. При престојот во овие краишта, тој се запознал со идеите на панславизмот и Илирското движење, кои во потполност ги прифатил како свои.При крајот на 1856 година, Димитар Миладинов се вратил во Струга и го испратил братот Константин во Русија да студира словенска филологија на Филозофскиот факултет при Императорскиот универзитет во Москва.На 24 јуни 1861 година, од печатницата на Анте Јакиќ, во Загреб, излегол од печат Зборникот од народни умотворби на браќата Миладиновци, насловен како "Бѫлгарски народни песни", дело со речиси 600 македонски народни песни и точно 77 бугарски (отстапени од бугарскиот фолклорист Васили Д. Чолаков).Обвинети како шпиони против кои, според изјавата на официјалните турски власти, се подготвува судски процес, браќата Миладиновци умреле во цариградските затвори, во 1862 година, под досега неразјаснети околности.
Константин Миладинов (Струга, 1830 – Цариград, денешен Истанбул, 18 јануари 1862) бил македонски собирач на народни умотворби и поет.[1][2] Со неговата песна „Т'га за југ“, која има 70 препеви на 42 јазици, секоја година се отвораат Струшките вечери на поезијата.Роден е во Струга, во семејството на грнчарот Ристе Миладинов и неговата сопруга Султана Миладинова. Основно училиште завршил во Струга, а подоцна и гимназија во Јанина, Грција. На 14 октомври 1849 година се запишал на Филозофскиот факултет во Атина, дипломирал 1852 година, отсек грчка филологија. Со диплома на учители браќата се вратиле во родниот крај каде учителствувале во повеќе места.По завршувањето на основното образование во Струга и гимназија во Јанина, во 1847 година станал учител во селото Трново, Битолско.По завршувањето на студиите престојувал во манастирот „Зограф“ на Света Гора. По враќањето во Струга, станал учител во битолското село Магарево, а потоа во 1857 година се запишал и студирал словенска филологија во Москва, каде што членувал во Словенскиот кружок и соработувал во неговиот весник „Братски труд“, како и во весникот „Дунавски лебед“.Константин заминал во Русија да студира словенска филологија на Филозофскиот факултет при Императорскиот универзитет во Москва. Во време на неговиот престој во Русија го обзема длабока осаменост и жал по родниот крај.Имајќи го собраниот материјал од народни умотворби, Константин целосно се ангажирал во реализирање на идејата за нивно печатење. Работејќи на редактирање на песните и другите народни умотворби и нивно подготвување за Зборникот, Константин и самиот почнал да пишува поезија. Поетското творештво на Константин Миладинов, иако скромно, само петнаесет песни, го става на пиедесталот на македонската нова литература како основоположник на македонската уметничка поезија.Суровата руска зима и бедниот живот штетно се одразиле врз здравјето на Константин, па во 1859 година тој заболел од туберкулоза. Покрај подмолната и тешка болест, Константин го разочарал и неуспехот во настојувањата да се испечати Зборникот од народни умотворби. Основната причина за непечатењето на Зборникот во Москва е судирот на Миладиновци со Цариградската патријаршија во екот на преродбенската борба.Во јуни 1860 година, не довршувајќи ги студиите, Константин Миладинов ја напуштил Москва. На пат за дома, во Виена, се сретнал со хрватскиот бискуп Јосип Јурај Штросмајер, поглаварот на Хрватската католичка црква, со кого контактирал уште од Москва, пишувајќи му за намерите за печатење на Зборникот. При оваа средба, бискупот Штросмајер прифатил да го финансира печатењето на Зборникот.На 24 јуни 1861 година, од печатницата на Анте Јакиќ, во Загреб, излегол од печат Зборникот од народни умотворби на браќата Миладиновци - „Бугарски народни песни, собрани од браќа Миладиновци“, дело со речиси 600 македонски народни песни и точно 77 бугарски (отстапени од бугарскиот фолклорист Васили Чолаков).Константин, пресреќен што животната цел, негова и на неговиот брат, е исполнета, зел неколку примероци од Зборникот и во средината на јули 1861 година го напуштил Загреб, тргнувајќи за родниот крај. Патем се задржал во Белград каде дознал дека неговиот брат Димитар веќе половина година чемрее во турските затвори. Надевајќи се дека ќе успее да го ослободи својот брат, наместо за Струга, тргнал директно за Цариград и никогаш повеќе не го видел родниот крај. Набрзо по пристигнувањето во Цариград и Константин бил фатен и фрлен во цариградските зандани. Обвинети како шпиони против кои, според изјавата на официјалните турски власти, се подготвува судски процес, браќата Миладиновци умреле во цариградските затвори, во 1862 година, под досега неразјаснети околности.На 24 јуни 1861 година во Загреб излегол Зборникот на народни песни и умотворби на браќата Димитрија и Константин Миладинови.