Мени
Вашата кошничка

Панде Манојлов

Панде Манојлов, поет, раскажувач, критичар и новинар. Роден е на 2 мај 1948 година во с. Породин, Битолскo. Основно образование заврши во село Велушина, а средно образование во битолската Гимназија „Јосип Броз Тито“. Студираше правен факултет во Загреб, а дипломира во Скопје. По дипломирањето десет години работеше како правник во повеќе битолски организации, за потоа да се вработи како новинар во „Битолски весник“ каде работеше дваесет и пет години, стигнувајќи до директор и главен и одговорен уредник. Освен во „Битолски весник“, дописник од областа на културата од Битола беше и на „Македонија денес“ (четири години), дописник на „Македонија“, списание на Матицата на иселениците од Македонија и др. Член е на редакциски одбори во повеќе списанија. Во македонската литература се појави уште во далечната 1967 година кога во весникот „Студентски збор“ ја објави првата песна. Плоден новинар со околу 400 статии годишно кои се објавуваа во повеќе весници низ Македонија. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1989 година и на Македонското научно друштво. Неговото творештво го сочинуваат девет збирки поезија, две збирки раскази, две збирки поезија за деца и една книга театарски критики, дела за кои пишуваа академик Гане Тодоровски, Ефтим Клетников, Доне Пановски, Владимир Костов и други еминентни писатели и критичари. Панде Манојлов ги напиша делата: „Црвен немир во црвено пламти“ (поезија, 1971), „Соѕвездие на болот“ (поезија, 1977), „Песни за Тито“ (поезија, 1981), „Огнена земја“ (заедно со Љубомир Груевски, поезија, 1983), „Блажевина“ (поезија, 1988), „За Битола, вековите и љубовта“ (поезија, 1989), „Обид да се влезе во нулата“ (раскази, 1996), „Срца, булки и снегулки“ (поезија за деца, 1997), „Македонски поетски молк“ (поезија, 1997), „Лет во сонот над Ајфеловата кула“ (поезија на македонски и француски, 1998), „Стап“ (хумористично-сатирични текстови, 2000), „Талија на битолската сцена“ (театарски критики, 2003), „Песни за Никола и Дамјан“ (поезија за деца, 2003), „Љубов и чемер“ (поезија, 2005), „Тевекелиски песни“ (поезија, 2008). Поезија објавува во речиси сите весници и списанија во Македонија. Текстовите од збирката „Стап“ се објавени на страниците на „Битолски весник“ под псевдонимот Пантелеј Чкембаро. Застапен е во повеќе стихозбирки меѓу кои „Октомвриски одгласи“ (НОБ и Револуцијата во уменичката поезија, 1989), „Песни на Скопје“ (поезија, 2000), „Патеки“, „Илинденски одгласи“ (Илинден во уметничката поезија, 1983). Стекна свет ска слава со песната „Палестина“, препеана на арапски јазик и објавена во голем број арапски весници и списанија. Делови од неговото творештво се преведувани на англиски, германски, бугарски, полски, хрватски и српски јазик. Учесник е на Струшките вечери на поезијата. Исто така учествуваше на поетски фестивали во Штудгарт (Германија), Малме (Шведска), Мелбурн (Австралија), Босански Шамац (Босна и Херцеговина), Ваљево (Србија) и други. Добитник е на наградите „4 Ноември“ на Општината Битола, за книгата песни за деца „Срца, булки и снегулки“ добитник е на втората награда „Ванчо Николески“ на манифестацијата Песни за деца во Битола, двапати доби награда за песна на Меѓународната манифестација „Празникот на липите“ (2003), во организација на ДПМ, прва награда за песна на „Гоцеви денови“ – Делчево, прва награда за песна на „Мајските поетски средби“, признание од францускиот претседател Жак Ширак, втора награда за сатира на манифестацијата „Ин Виница Веритас“ и др.
Прикажани 1 од 1 до 1 (1 Страни)