Ванчо Полазарески e писател за деца и хуморист. Роден е на 21 март 1951 г. во Гостивар. Живееше во Призрен и Битола, а сега во Скопје. Заврши Виша техничка школа во Битола и недовршени студии на Филозофски факултет - Историја на уметност со археологија во Скопје. Работеше како новинар и уредник во Радио Битола, „Млад борец“, „Остен“ и „Детска радост“. Пишува за деца и возрасни. Соработуваше со повеќе весници и списанија кај нас и во поранешните југословенски републики. Неговите дела се преведени на турски, албански, естонски и јазиците на поранешните југословенски републики. Застапен е во лектирите за прво одделение и со свои песни, раскази и пиеси во читанки и други книги од лектирните изданија. Член е на Друштвото на писателите од 1990 година. Автор е на книгите: „Па што?“ (хуморески за возрасни, 1981), „Па што скриптиз“ (афоризми, 1987), „Сештологија“ (пиеси за деца, 1987), „Бушавиште“ (поезија за деца, 1989), „Смеалиште“ (поезија за деца, 1989), „Џемпер-дрво“ (раскази за деца, 1990), „Фока во фиока“ (брзозборки, 1992), „Шашардарие“ (раскази за деца, 1993), „Распашани приказни“ (раскази за деца, 1998), „Лилав пилав“ (поезија за деца, 1998), „Нервозни приказни“ (раскази, 2000), „Лифт“ (поезија, 2001), „Солзи и бисери“ (театарска претстава, 2001), „Ноќ и ден“ (проза за деца, 2004), „Ономоно дономоно“ (брзозборки, игрозборки, 2007). Автор е и на неколку сликовници за деца: „Големи и мали“ (1997), „Броенка“ (1997), „Први зборови“ (2002). Добитник е на наградата на МТВ за најдобра книга меѓу две Струги, неколку награди за радио-скеч, карикатури и хуморески.