Васил Тоциновски (роден на 22 август 1946 во с. Стојаково, Гевгелиско) е македонски писател, есеист, критичар, книжевен историчар и преведувач. Тој е еден од најплодните современи македонски автори.Како добитник на Рациновата стипендија во 1969 год. дипломира на Филолошкиот факултет во Скопје, на групата Историја на книжевностите на народите на СФРЈ. На истиот факултет ги завршил постдипломските студии по македонска литература, во 1984 год. магистрирал на тезата „Драмскиот писател Богдан Сираков“, а во 1989 год. ја одбранил докторската дисертација „Атанас Раздолов - живот и дело“. Дваесет години работел во Телевизија Скопје (1969-1989).Работел како водител на телевизискиот дневник, уредник, главен и одговорен уредник на Втората програма (1981-1984) и на секторот за училишна, образовна и научна програма (1985-1988). Автор е на сценарија на педесетина документарни филмови и серии емитувани на програмите на тогашна ЈРТ (Југословенска Радио Телевизија) и на многубројни програми и фестивали во светот. Остварил меѓународна соработка и престој во Советскиот Сојуз, Италија, Германија, Словачка, Романија и Бугарија.Бил в.д. директор на македонскиот Институт за фолклор (1989-1992). Работи како научен соработник на Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а од 2008 год. се до неговото пензионирање во 2014 год. работел како редовен професор на Катедрата за македонски јазик и литература на Филозофскиот факултет во Риека, Хрватска.Бил главен и одговорен уредник на најстарото македонско книжевно списание за литература, култура и уметност „Современост“.Васил Тоциновски е потписник на 57 редакции и избори од македонското книжевно и публицистичко наследство, коавтор е на 17 енциклопедии, зборници, прирачници и учебници за средното образование, во земјата и странство публикувал 317 книжевно-историски студии и 431 рецензии за автори и дела од домашната и светската книжевност. Неговите трудови се преведувани на: германски, италијански, англиски, словачки, хрватски, српски, бугарски, словенечки, албански, полски, турски, француски, руски, романски и др.Пред македонската и светската јавност е познат повеќе како научен работник, истражувач на македонската литературна историја. Се занимава со македонскиот XIX век и периодот меѓу двете светски војни. Особен придонес има во откривањето на непознати страници од историјата на Македонскиот литературен кружок во Софија. Во тој правец има големи заслуги во откривањето на животната судбина и литературното дело на дводомните писатели од македонско потекло, т.е. Македонците кои живееле и твореле во туѓа јазична средина.