Мени
Вашата кошничка

Зоран Пејковски

Зоран Пејковски e поет, драмски писател и публицист. Роден на 21 октомври 1968 г. во Битола. Основно и средно училиште заврши во Битола. Студираше на Педагошката академија во Битола. Од 1983 до 1987 г. работеше како новинар во „Радио Битола“ и „Битолски весник“, а од 1987 до 1994 г. како постојан новинар – известувач во Културната редакција на Македонското радио – Радио Скопје. Од 1993 до 2004 г. беше новинар во Информативниот политички неделник „Дело“, „Битолски весник“, „Балканска газета“, неделникот „Пулс“, списанието „Нова зора“, дописник на весникот „Австралија – Македонија“ од Австралија, на радиото „Канал 77“, како и пишувач на раскази во списанието „Сведок“ од Скопје. Кон крајот на 2002 и почетокот на 2003 г., Зоран Пејковски го формира битолскиот информативен неделник „Јавност“, кој е негова сопственост. Истовремено работи и на литературни критики и полемики. Член е на Друштвото на писатели на Република Македонија од 1995 г., а од 2000 г. е редовен член на Меѓународната федерација на новинари во Брисел, каде остварува студиски престој и специјализира аналитичка висока политика. Исто така, од 2000 г. стана редовен член на реформираното Здружение на новинарите на Македонија. Филолошките студии и студиите на Академијата за театар и филм во Црна Гора кај него инспирираа поезија, пишувана за метафората на животот, и драмски ракописи за прагматичниот и апсурдниот живот на човекот. Неговите книжевни ангажмани датираат од почетокот на осумдесеттите години и траат се уште, за да кулминираат во познат и признат македонски писател, поет и публицист. Во текот на неговите книжевни ангажмани има и настапи на повеќе поетски манифестации во државата и надвор од неа, меѓу кои и на Струшките вечери на поезијата. Преведуван е и препејуван на англиски и француски јазик. Автор е на делата: „Тесно небо“ (поезија, 1993), „Последниот чин на комедијата на смртта“ (драма, 1994), „Реликвијата на светлината“ (поезија, 1996), препев на поемата „Облак во пантолони“ од Владимир Мајаковски (1997), „Relic of the light“ (1998), „Филозофија на смртта“ (поезија, 1999), „Љубов на вересија“ (драма, 2000), „Театарот е ритам и стил“ (монографија, 2002). Неговата драма – трагикомедија „Последниот чин на комедијата на смртта“ во декември 1995 г. за прв пат е одиграна на театарска сцена, а во 1995 г. изведувана е на разни театарски фестивали и културни манифестации во државата. Во театарската сезона 2001-2002 г. во изведба на Народниот театар од Битола, одиграна е монодрамата „За животот, љубовта и смртта“. Добитник е на наградата на Културнопросветната заедница на Македонија.
Прикажани 1 од 2 до 2 (1 Страни)