Река од зборови

 

Си беше едно време една река од зборови. Таа се влеваше во морето, а пак морето беше цело од книги со приказни.
И така реката си течеше, а зборовите и буквите се префрлаа едни преку други и се удираа од карпите како брановите во вистинските реки.
-    Ајде да напишам една приказна! - рече реката. -  Си беше едно време...
-    Урааа! - извикаа останатите зборови. - Точно така почнуваат приказните. И што се случи потоа?
Еве каква приказна им раскажа реката:
Си беше едно време една река од зборови, која се влеваше во морето, а сите зборови одеа во книги со приказни. Се случи, едно мало видриче да ја преплива реката и зборовите се разместија, па така наместо да напише: “Си беше едно време”, излезе: “Време едно си беше”. Видричето многу се збуни.
-    Ти си едно лошо видриче! - го прекори реката. - Ми ја растури приказната.
-    Многу ми е жал! - се извини Чарли (така се викаше видричето). -   Можеби ако препливам обратно, работата ќе се поправи?
Тоа преплива обратно преку зборовите, кои сега составија ваква реченица: “Едно си беше време”.
“Сигурен сум дека и тоа не е правилно” -  помисли видричето.
Како и да е, реката се разбранува и набргу зборовите се наредија правилно: “Си беше едно време - прочита видричето -едно видриче, по име Чарли”.
“Види, види, па тоа сум јас! Моето име е Чарли. Па тоа е приказна за мене.”
Видричето толку се возбуди, та потскокна, тупна, се плесна и падна во водата, и одново ги растури зборовите.
Ох, колку се натажи реката.
Видричето брзо излезе од неа и погледна кон зборовите.
“Си беше едно време, кое се викаше Чарли, едно видриче.”
Од лошо полошо.
-    Што друго очекуваше? - го искара реката. - Секогаш кога ја започнуваме приказната, ти паѓаш и сè расипуваш. Сега треба сè одново да почнеме.
-    “Си беше едно време едно видриче по име Чарли и тоа живееше крај реката од зборови...” Е, а после како?
Зборовите мислеа, мислеа, ама не можеа да измислат приказна за Чарли. Тогаш тоа рече:
-    Јас ќе ви помогнам! - и се оддалечи од реката, а потоа се затрча и скокна во средината. Потоа исплива на брегот и погледна кон зборовите. (Овојпат ги беше разместило правилно).
-    “Си беше едно време едно многу лошо видриче - прочита тоа. -  Еднаш сретна едно маче.”
-    Мјау! - измјаука мачето. -  Сакаш ли ти сладолед?
-    Не! - рече Чарли.
-    Мјау! А сакаш ли млеко?
-    Не.
-    Мјау! Сакаш ли риба?
-    Да, се разбира! - рече Чарли.
-    Мјау! -  измјаука мачето. - Тогаш ако дојдеш кај мене дома, тетка ми ќе те почести со рибен чај, 'ржано лепче, намачкано со масло и паштета од риби.
-    Чудесно! - се израдува Чарли. - Многу огладнев. Ајде да појдеме? Само пред тоа кажи ми што ќе стане со приказната?
-    Таа ќе влезе во книгата “Река од зборови” - рече реката.
Видричето беше многу задоволно.
-    Величествено! - рече тоа. - А сега, довидување.
-    Довидување! - одговори реката.
А зборовите пак се раздвижија и напишаа: “Со љубов и бакнежи за Чарли.” Потоа се преметнаа, се затуркаа и потекоа кон морето на книги со приказни.
 

Доналд Бисет

 

(Од книгата „Река од зборови“)