Гусларот
Пред дедо ми да дремне,
почнува со своите сказни,
како било во негово време
кажува приказни разни!
Си бил некој гуслар стар,
живеел во градскиот ан,
на гусла тој свирел со жар
песни пеел ко топол бран.
Добро, бил, бре, мил дедо,
а какви песни ли пеел тој,
раскажи, како што е редот,
бил ли тој, другар твој?
Слушај ме сега мило чедо,
слушај дедо што ќе каже,
што ова главчето мое седо
ќе ти рече, без да те лаже.
Како млад тој бил комита,
силен, над јунаци, јунак!
Бил висок, со снага вита
но душа имал, поглед благ!
Јуначки, како лав се борел
синџир ропски да скине,
од желба за слобода горел,
сакал лошото сал да мине.
Му убија другари, војвода,
му убија сѐ, во селото род,
во битката, во тешка згода,
останал сам под небесен свод!
Ете, за тоа пее, внучко мој,
за да не го заборави јадот
на народот мачен и свој,
животот тежок и гладот...
Панде Манојлов