Мила(н)
Милан седеше пред огледалото кога исто како пред некој ден, го слушна лутиот и пијан глас на татка си:
-Каде си копиле едно?! Каде се криеш?! Ќе те најдам!... или пак се криеш во спалната на мајка ти, Женски Пејо еден... Ќе видиш ти што ќе ти направам... Ќе те нашминкам јас со некој суровица... И устата ќе ти ја нацрвам со некоја песница... Ќе видиш!...
Последните зборови ечеа во претсобјето, а тој со трескање ја отвори вратата на собата ... Милан ја почувствува неподносливата реа на алкохол, се стресе и почна да си ги брише усните...
-Ааа, те фатив мајмуне, пак буричкаш во несесерот на мајка ти, пак се шминкаш... Ама нема веќе!... Сè од нејзините шминки ќе исфрлам, па да те видам тогаш!... Аха, пак ли ги обуваше розовите чевллички на мајка ти?! Затоа ли е едната овде, другата таму!? Многу сакаш штикли, нели, нели, нели!? Глупчо еден!... Викаше татко му на Милан на сет глас. Нема! Нема веќе шминки, нема кармини! Мајка ти умре, поради тебе... поради те-бе! Иако ти не веруваш во тоа!... Сфати веќе... Ум-ре! Разбираш! И нема веќе кој да те брани и да се смее на твоите глупави шеги со шминки и фустани... Ти си машко, машко... Што имаш во панталоните а?! Одговори копук еден! Одговори кога ти велам... лајно едно!... И замавна да го удри, но се занесе и падна врз работ на столот до вратата. Столот се преврте и таткото падна. Милан го избриша карминот од устата, но веѓите се уште му беа зацрнети од моливот со кој мајка му ги оцртуваше своите, а и сината сенка на капаците од очите што не ја беше избришал, беше му се размачкала по лицето со солзи. Не знаеше дека татко му ќе се врати порано од зачаденото и смрдливо кафеанче каде што се собираа маалските картаџии и безделници. Милан секогаш имаше можност да види кога татко му се враќа, зашто кафеанчето од аголот на улицата се гледаше од прозорецот на собата од мајка му. Секогаш кога седнуваше пред огледалото, можеше со само едно помрднување влево, да види кој влегува и кој излегува. Овој пат, татко му веројатно бил на друго место каде што дебело се намокрил... „...дебело се намокрил“...., така велеше мајка му. И Милан само што беше станал, го оттурна својот стол, го пречекори оној што го турна татко му, ја пречекори и десната нога на татка си и повторно нешто го стегна во грлото. Секогаш кога ќе го видеше татка си таков, напиен, со чевли натрупани со засушена кал, со недопушена цигара в уста, се срамеше. Се срамеше и од јакната што татко му ја носеше, а секогаш беше од нешто измрсена или извалкана. Кога ќе и` кажеше на мајка си дека се срами татко му да доаѓа на училиште, таа ќе го гушнеше и ќе му речеше тивко:
-Сине слушај! Каков-таков, татко ти е... што да правиме!? Полека, полека, јас и ти, со заеднички сили, ќе го поправиме. Тој и не е толку лош... Има само лошо друштво... И ќе воздивнеше. Ќе помолчеше малку, а потоа ќе му речеше:
-Знаеш што? Сум ти кажувала ми се чини... тој ти го даде името! Кога ни кажаа дека во мојот стомак спие синче, тој скокна од радост, го избакна докторот и рече: Милан, Милан ќе се вика, зашто уште од сега, иако не сум го видел, знам дека ми е најмил!... Скокаше тој од радост... И не лути му се...
Размислувајќи за разговорите со мајка си, Милан истрча, речиси излета во дворчето. Се шмугна меѓу грмушките, се протна низ огромниот шимшир, седна под смреката во задниот двор и заплака... Со плачење си мислеше на вторникот кога сите блиски, на 40 ден од смртта на мајка му, се собраа на нејзиниот гроб за да покажат дека не е заборавена... Татко му и тогаш се опи. Некои го оправдуваа, други го караа. Милан и тогаш само стоеше таму и се тресеше како да му беше многу студено, иако беше јуни. Баба Злата, сосетката, го прегрна тогаш и го одведе од гробиштата. А тој не сакаше да замине. Сакаше да може, тој да му удри шлаканица на татка си тука, на гробиштата и пред сите... Сакаше да му викне дека и сега ја срами неговата мајка, но од тага глас не можеше да испушти. Само нешто го гушеше в грло... Милан ги повтори во себе зборовите на баба Злата:
-Златното дете, него тагата толку го боли што устињата му се згрчиле и помодреле... Дојди сине, дојди баба да ми те гушне... Ајде ние да си одиме... Доста е тага за денес... Сега јас ќе те одведам кај мене на палачинки... такви, какви што правеше мајка ти, со мармалад од кајсии. Милан уште повеќе плачеше иако без глас. Само незапирно му течеа многу солзи и липаше, липаше, липаше... Се измори и подголтна... Помисли пак да појде кај баба Злата. Но можеби се одмора старицата којашто мајка му си ја викаше мајчица. Сепак стана, ги истресе сламките од панталоните, ја прескокна оградата, го претрча мовчето и се најде во дворот на баба Злата. Знаеше дека таа ќе му се израдува, па дури и да заспала. Тропна на вратата два пати посилно и еднаш потивко, така како што си се препознаваа. Старицата како да била до вратата, веднаш отвори.
-Лелеее, кој ми дошол!? Влези сине мое мило, влези... Погледна лево-десно, па ја затвори вратата, го фати Милана за рака и го седна во својата фотелја. Милан се` уште тажен, ја погледна со чудење. Таа пак на неговиот поглед, одговори божем весело:
-Знаеш ти, јас мојава Зорка не ја давам никому! Баба Злата сакаше да го потсети на убавите денови кога фотелјата ја нарекуваа Зорка, зашто „ме остава во својот скут до зори“, велеше баба Злата. Дури ни на син ми, ни на ќерка ми не им давам да и` седат в скут.
-На мајка ми ја даваше! Рече тивко Милан и продолжи: Знам јас дека мама и јас кога ќе дојдевме, таа седнуваше во фотелјата, а ти на подот до фотелјата...
-... а ти или во скутот на мајка ти или во мојот. – заврши баба Злата и поубаво го погледна. Отиде до фрижидерот и извади еден старински овошник, полн крупни црвеножолти кајсии и му подаде. Мирисот од кајсиите како да го разбуди. Баба Злата со кроток и тивок глас, рече: Душо моја малечка, срно ранета... твојата мајка ми беше повеќе од ќерка, а ти си ми исто мој како да си ми крв. Родството е во душите на луѓето сине, не во крвта.
-Значи татко ми не ми е рода... тажно додаде Милан.
-Немој така сине, родител е... Може и тој сака да биде подобар, ама ете слаба личност е...
-Мама многу се нервираше бабо кога тој се враќаше дома пијан, извалкан и уште пак викаше...
-Ама мајка ти не му се плашеше сине. И тој не беше секогаш таков... и баба Злата се замисли и замолчи.
- Бабо тој вели дека почнал да пие поради мене... Молчеше малку, но се охрабри, па иако одвај чујно, рече:
-Морам нешто да ти кажам бабо!
- Што тоа сине? Зборувај ќе те слушам.
Срамежливо, но беспоговорно и решително, иако тивко, Милан рече:
-Мислам дека не сум тоа што сум.
-Како мислиш не си?- зачудена праша баба Злата.
-Убиј ме! –погласно и` се обрати тој.
-Но зошто да те убијам сине? Зошто? Ти си толку добро дете... расчувствувано се вртеше лево-десно старицата.
-Затоа што сум женско, ете затоа..., иако долу имам... Молчеше цела минута, а молчеше и баба Злата, па продолжи:...иако долу имам друго... Ја стави дланката на уста како да си ја брише устата од нешто, направи уште една пауза и повторно се сврте кон бабата:
-Сакам да се стопам со женските... Сакам да сум Мила, без н... И сум Мила... Пред да умре мама, и` кажав дека многу се нервирам што сум машко, а всушност сум женско. Пак молчеше малку...
-Тој вели дека почнал да пие уште првиот пат кога сум рекол дека сакам да бидам женско. Ама не е така. И пред јас да и` кажам на мама за тоа, тој беше таков, лут, пијан и само нешто галамеше, галамеше... Тогаш мама ме земаше в соба, се шминкаше, а потоа седнуваше до мене и ми велеше:
-Кога ќе пораснеш, ќе си најдеш девојка педантна, нашминкана еве како јас сега... дотерана, намирисана... и ти нема да пиеш, нели сине? И после тоа, мама ќе си ставеше парфем, ќе ме гушнеше и ќе почневме да си пееме нешто... И јас ќе и` речев на мама: Мамо јас сакам шминки..., сакам црвен кармин, сакам парфем, сакам сини сенки за очи... Еднаш мама го отвори несесерот, ги извади сенките за очи и ми рече: Дојди сине! Сега мама ќе те нашминка штом толку сакаш! Гледај, оваа сенка многу ќе им одговара на твоите бистри сини очи... И јас тогаш многу се радува бабо... И знаев дека сум женско, женско... повторуваше Милан плачливо.
Потоа пак замолча , а баба Злата рече:
-Касни си од кајсиите сине, многу се сочни! Вие децата треба да јадете многу овошје... Милан ја погледна и срамежливо праша:
-Бабо многу ли е лошо тоа што сакам да облекувам фустани и да се шминкам? Гледај, ги грабнав и розовите штикли на мама, а тој не успеа да ми ги земе... И пак заплака и низ плач рече: Знам, затоа татко ми пие... И одамна знае дека не сакам да сум машко... Тој одамна знаел дека јас не сум како Борјан од III 2 одд. За него татко ми вели: „Борјан на Благоја синот, уште сега личи на маж бре, уште сега, иако ти е врсник... Со татко му барабар работи, а ти? Женче едно никакво!... Да ти ја е.... семката!“ Милан повторно молчеше, па продолжи:
-Не ја изговараше до крај пцовката, бабо, зашто мама му велеше дека ако се случи тоа, ќе го остави, ќе стави „крај на овој циркус од брак“!... Може и мама се разболе поради мене... И Милан почна да плаче на глас... И липаше, липаше, липаше... А баба Злата само го гушкаше и му ја стегаше раката и велеше: -Никако дете мое, никако! Мајка ти не се разболе поради тебе!.. Така сакал Бог сине! И нему му требаат добрите!... По некое време, го одведе во бањата. Тој се изми, а бабата му подаде крем за лице и раце, му подаде и дезодоранс и рече: -Сине мило, душо мала страдална... нема ништо лошо во тоа што сакаш сЕ што сакаат жените, нема ништо лошо ни во тоа да сакаш да си женско и... Таа не се дорече, но Милан малку колебливо рече:
-Бабо не знам како да ти кажам, но јас сум женско, иако не сум... Само заради тоа, многу сум несреќен.,- отсечно кажа. -Некои од школските ми велат дека „не сум како сите“, а некои ми велат дека „не сум со сите“!... Да е мама со мене, никој нема да ме кара, да ме тепа и да ми се смее. Кога ќе и` кажев на мама кога беше жива, дека сум женско, таа не ми се смееше и не ме навредуваше. Само ќе ми речеше:
-Почекај малку сине, порасни уште малку, па работите ќе си дојдат на свое. До тогаш, ова е наша тајна... Но овој будалиот, што вели дека ми е татко, само викаше и викаше и навредуваше, па дури и ја тепаше мајка ми... И` викаше на мама дека таа е виновна што јас го сакам ова што го сакам...
Милан зборуваше испрекинато, но зборуваше, зборуваше, зборуваше... Сакаше сЕ што му тежи, да каже наеднаш сосем искрено и без задршка. Бабата. го помилува по светлата кадрава коса и рече: -Токму така сине, почекај уште малку да пораснеш и од сега па натаму ова ќе биде и наша тајна.
Милан застана сосем близу спроти баба Злата и рече:
-Бабо, многу се плашам! Татко ми пред сите вели дека сум Женски Пејо, дека сум никаков, дека од мене не бидува ништо... Зборува пред сите мои другари, а тие после ме навредуваат, некои и ме тепаат... Јас кога сфатив дека само заради тоа ме тепаат и не ме сакаат во своето друштво, почнав од училиште прв да си одам или да чекам најпосле додека сите не си заминат и оттогаш сам си одам кон дома за да не ме задеваат... А оној Димитар, еднаш насила, речиси ми ги соблече и панталоните и гаќите, но Христијан ме спаси...Се плашам, многу се плашам бабо!- зборуваше и се тресеше Милан па речиси ја нурна главата во рацете на баба Злата. Таа воздивна и помирливо рече:
-Боже златен, колку е суров светов!
Потоа седна во својата фотелја, го зема Милан во скутот и со сигурен глас рече: -Слушај ме убаво дете мое најмило, слушај, ама да запаметиш! Милан ја погледна и со непоколеблив глас рече:
-Слушам и ќе запаметам!
Баба Злата, со исто таков непоколеблив глас рече:
-Биди си тоа што чувствуваш дека си! И не плаши се! Само многу внимавај каде се движиш и со кого се дружиш! Светов е полн со лудаци! Можат да ти наштетат! Јас сум со тебе! Се` што ти тежи, мене ќе ми кажеш! Разбра?! Мене ќе ми кажуваш! –повтори бабата и продолжи: а татко ти каков-таков, татко ти е. Не плаши му се и само вели му да тато, не тато, се разбира, тато, добро тато... Та ти си умно дете. Ќе знаеш како. Така ќе се чуваш сам... Додека да зацврстиш... А таквите како Димитар, не ти можат ништо! Те мразат зашто знаат дека си најдобриот математичар... Ич не грижи се сине! А јас додека сум жива, со тебе сум! Ме разбра?!- прашуваше бабата и се врткаше ваму-таму низ собата сакајќи сета нервоза и гнев што ги чувствуваше кон светот, да ги удави во голтката ракија по која посегна, земајќи го шишето од масата, а кое го беше принела за да го начека татко му на Милан и така да го наведе на разговор.
-Те разбрав! Одговори Милан некако смирено, но и сомнежливо, и помисли: „Што е пострашно, да се биде женско или да се биде пијаница.?“…
Љубинка Донева