Собрани пред гаражата на газда Ниче, на улицата „Крива шија“, децата разговараа за сè и сешто. Разговараа за тоа кој што сонил и кој што ќе сони. Кој колку ќотек изел и кој на кого ќе му ја земе мерката. Редум еден по друг си ги кажуваа желбите, кој што сака да биде и дали за тоа ќе го биде кога ќе порасне. Малку зборуваа за оценките во училиштето, ама пак многу често си ги фалеа своите домашни миленичиња. Столе-топла вода, така го викаа зашто се плашеше да не добие гнојна ангина па секогаш пиеше топла вода, се фалеше дека неговата маче секојдневно на две нозе го следи до училишниот двор. Поради тоа заслужувало да му купи чизми. Борче дебелкото познат како шкорче, се фалеше дека неговото куче додека си го брка опавчето брои колку круга свртува околу себе. Броело до десет и назад и тоа на неколку јазици. Столе риба се фалеше дека има риба во аквариумот што намигнува. Секогаш кога мачката ќе се наведнела над аквариумот и со шепата ќе се обидела да ја дофати, рибата ѝ намигнувала. Потоа мачката бегала како некој да и истеглил влакно од мустаците. Само Мики мува, така го викаа зашто тивко како мува доаѓаше на улицата така и си одеше од неа, не се вклучуваше во разговорот зашто немаше милениче. Мајка му не можеше да поднесува мачка да и се мотка по куќата, а пак татко му поради тоа што како мал бил каснат од куче имаше страв и од сенката на кучињата. Но, еден ден и тоа се случи- Мики мува се пофали пред децата од улицата дека има милениче. Кога децата изненадени во еден глас го прашаа какво е неговото милениче, Миле мува одважно и рече дека има прасенце.
„Прасенце!“ - се зачудија децата.
„Бидејќи ти живееш во стан, немаш двор, каде го чуваш?“ – го праша Столе топла вода.
„Во дневната соба на комодата покрај телевизорот.“-му одговори Мики мува.
„Во дневната на комодата покрај телевизорот!“ – извикаа во еден глас зачудени децата.
„Значи таму спие и се храни?“ –го праша Невенка-зеленка, така ја викаа зашто од трите бои на семафорите најмногу ја сакаше зелената.
„Да, токму така“,- одважно и одговори Мики мува.
„Хм, а со што го храниш?“- го праша Антонио мода, така го викаа зашто се носеше секогаш по најновата мода.
„Со пари.“ – кратко му одговори Мики мува.
„Со пари!“ –пак зачудени во хор извикаа децата.
Изјавата дека го храни прасето со пари ја прелеа чашата и децата побараа самите да се уверат во тоа. Мики мува се согласи и им вети дека ќе го донесе да го видат. И го донесе. Кога видоа што држи во рацете, децата од улицата „Крива шија“ насобрани пред гаражата на газда Ниче, само што не се распукнаа од смеење. Некои од нив не можеа да се додржат на нозе и почнаа да се валкаат како прлиња по земјата. Мики мува гледаше во касичката во форма на прасе на која пишуваше КОЈ ШТЕДИ ИМА и со врвот од јазикот си ги ловеше една по една капките солзи што му се слеваа по образите.