Баш сакам да го видам


Баш сакам да го видам
тој научник, некој тазе
Ајнштајн мустаклија, 
на измислици меркалија,
покрај сите светски пронајдоци
ракети и комети, компјутери 
мобилни телефони, млазни авиони...
тој Ајнштајн, тој мустаклија
на измислици мераклија,
сосе сите свои колеги по ум
да направат некој експеримент
некое трас-бум!
Па да смислат нешто:
тооолку мазно,
кадифено ко душа меко, 
слатко како слатко од дуњи, 
да измислат нешто 
баш светско како што е -
другарството детско! 
 
 
Молба до телевизорот


Во нашиот дом,
од среда до среда,
теве се гледа.

Јас ќе речам: - Мамо...
А таа: - Чекај...
да го видам ова само.

Ќе шепнам: - Тато...
А тој: - Немој сега,
има фудбал, злато!

- Затоа телевизору, биди фин,
врати ми ги тато и мама,
не сакам веќе да сум сама.

 
Небождер

 

Го дупна небото,
ѕверу, еј!
Не е сè во висината...
не си змеј.

Си запнал, растеш,
брзо, без мерка,
се чудиш после,
што си ко ѕверка.

А твоите жители...
на пр. од 101-от кат,
луѓе се ил’ птици?!
Кажи слободно, брат.
 

Ванчо Полазаревски