Основното училиште „Ристо Шуклев“ се наоѓа во центарот на населеното место Негорци, припаѓа на општина Гевгелија и е оддалечено 6 км. од градот Гевгелија. Во непосредна близина се наоѓаат Негорски Бањи прочуени по лековитоста на минералните води и прекрасните природни услови за престој, одмор и рекреација.
Адресата на училиштето е: ул. „Маршал Тито“, бр. 22Б.
Телефон/факс: 034/231-209,
Е-маил: oouristosuklev@gmail.com ,
Веб страница на училиштето : http://www.oouristosuklev.edu.mk/ .
Директор на училиштето е Жаклина Линкова.
Училиштето е изградено во 1972година. Во него учат ученици од Негорци, Прдејци и Кованец. Во состав на училиштето има две подрачни училишта во Прдејци и Кованец каде учат ученици од прво до петто одделение. Во централното училиште во Негорци има една училишна зграда со 15 училници, една библиотека, спортска сала со помошна просторија, две соблекувални и два спортски терени, просторија за дефектолог, простор за архива, канцеларија за директор, секретар, педагог и наставничка канцеларија. Училиштето располага и со училишна кујна и трпезарија за исхрана на учениците и сосема солидни услови за престој и работа на учениците и вработените. Денес во училиштето учат 185 ученици во 10 паралелки во централното и две комбинирани паралелки во подрачното училиште во Прдејци и една комбинирана паралелка во подрачното училиште во Кованец. Настава се реализира во една смена. Училиштето учествува на сите општински натпревари и во зависност од постигањата, учениците продолжуваат да се натпреваруваат на регионални, државни и интернационални натпревари. Учениците учествуваат на литературни и ликовни конкурси по разни поводи. Училиштето е вклучено во повеќе проекти и активности: Проект за меѓуетничка интеграција во образованието, Сензибилизација на францускиот јазик, Еколошки проекти, Програма за антикорупциска едукација на учениците, Проект-Отворен ден за граѓанско образование и др.
Највисоко општествено признание кое го доби училиштето е наградата „Климент Охридски“, во 1983 год. кое е признание за особено значајни остварувања во воспитно-образовната дејност од посебно значење за СРМакедонија.